Парламентот на Молдавија не изгласа нова влада

Јон Стурца

Парламентот на Молдавија не ја изгласа новата влада со што продолжува политичкиот ќорсокак во оваа поранешна советска република. На гласањето присуствуваа 47 пратеници, три помалку од неопходниот минимум. Тие требаше да гласаат за мандатарот на новата влада Јон Стурца, проевропски бизнисмен и поранешен премиер на Молдавија. Сега претседателот Николае Тимофти ќе номинира друг кандидат кој ќе ја води новата влада. Тој мора да биде одобрен од парламентот до 29 овој месец. Во спротивно парламентот се распушта и се одржуваат нови избори. Молдавија е во политичка нестабилност од исчезнувањето на над милијарда ипол долари од три банки пред парламентарните избори во минатата година. Од тогаш земјата имала пет премиери.