Добре Јанчев е нов генерален секретар на ДИК

Скопје

Државната изборна комисија на вчерашната седница со јавно гласање го избрала Добре Јанчев за нов генерален секретар, соопшти ДИК. На оваа раководна функција која ќе ја извршува во наредните пет години Јанчев доаѓа од местото државен советник за едукација, правна и меѓународна соработка во ДИК. Согласно измените и дополнувањата на Изборниот законик, ДИК на 30 декември до четирите најголеми политички партии застапени во Собранието ги доставила утврдените предлог текстови на Правилникот за методологија за водење и ажурирање на Избирачкиот список заснован на проверки и статистички анализи, вкрстени проверки на различни бази на податоци и евиденции, неограничени теренски проверки и други соодветни признати методи на проверка и на Правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список, како и постапка за спроведување теренска проверка заради негово ажурирање. ДИК, како што стои во соопштението, очекува во најкраток можен рок четирите партии да се усогласат, за потоа да ги усвои овие два важни акта за проверка и ажурирање на Избирачкиот список.