Саудиска Арабија ги откажа летовите од и до Иран

Протестите во Иран против Саудиска Арабија

Агенцијата за цивилно воздухопловство на Саудиска Арабија соопшти дека се откажани сите летови од и до Иран. Таквиот чекор доаѓа откако властите од земјата соопштија дека ги прекинуваат дипломатските односи со Иран, по последното зголемување на тензиите откако официјален Ријад го егзекутираше опозицискиот шиитски свештеник Нимр ал Нимр, што предизвика бесни демонстранти да упаднат во саудиската амбасада во Техеран.

Кувајт ги осуди нападите на дипломатската мисија на Саудиска Арабија во Иран и изрази поддршка за кралството. Обединетите Арапски Емирати го спуштија нивото на дипломатски односи со Иран и го отповикаа претставникот на земјата во Техеран, а го редуцираа и бројот на ирански дипломати на кои им е дозволен престој во земјата. Бахреин и Судан исто така соопштија дека ќе ги прекинат дипломатските врски со Иран.