Сојузници на Саудиска Арабија ги прекинуваат врските со Иран

Обединетите Арапски Емирати го спуштија нивото на дипломатски односи со Иран и го отповикаа претставникот на земјата во Техеран, а го редуцираа и бројот на ирански дипломати на кои им е дозволен престој во земјата. Бахреин и Судан исто така соопштија дека ќе ги прекинат дипломатските врски со Иран.

Саудиска Арабија претходно соопшти дека ги прекинува дипломатските односи со Иран, по последното зголемување на тензиите откако официјален Ријад го егзекутираше опозицискиот шиитски свештеник Нимр ал Нимр, што предизвика бесни демонстранти да упаднат во саудиската амбасада во Техеран. Ова го соопшти вчера министерот за надворешни работи Адел ал Џубеир, додавајќи дека сите ирански дипломати мора да ја напуштат Саудиска Арабија во рок од 48 часа.

Потегот следува по големото заострување на реториката меѓу Ријад и Техеран, со предупредувањето на иранскиот врховен водач за „божја одмазда“ поради погубувањето на свештеникот.