САД го поздравија ослободувањето на градот Рамади

Соединетите држави го поздравија тоа што ирачките сили успеале да ја вратат контролата врз стратегиски важниот град Рамади кој беше во рацете на милитантите на Исламската држава. „Ги поздравуваме ирачката влада и храбрите ирачки сили кои покажаа голема издржливост“, изјави државниот секретар Џон Кери. Ирачката војска вчера целосно го ослободи градот Рамади, по што ирачкиот премиер Хајдер ал Абади вети дека Ирак ќе биде ослободен од милитантите. Тој во телевизиското обраќање изјави дека наскоро ќе биде ослободен и градот Мосул, што според него, ќе претставува последен удар врз екстремистите. Мосул е втор по големина ирачки град и е под контрола на ИД од јуни 2014 година.