ЈО - Илјадници прислушувани разговори кај уапсените за „личните карти“

Десетици илјади снимени телефонски разговори, според исказите на уапсените за фалсификување лични карти, имало во нивните компјутери, изјавил денеска за некои медиуми обвинителот Јован Цветановски од скопското обвинителство. Тој рекол дека Јавното обвинителство оформило неколку предмети во врска со аферата „Лажни лични карти“ која ја обелодени неделникот „Фокус“.

На денешната прес-конференција на која не биле дозволени новинарски прашања, Цветановски изјавил дека за случајот биле ангажирани неколку обвинители кои веќе до МВР доставиле наредби за преземање на одредени истражни дејствија и различни видови вештачење.

„Во досегашниот тек на истрагата извршени се низа разговори и вештачења, а извршени се и претреси. При претресите во становите на лицето З.Б. и на други лица пронајдени се голем број обрасци за лични документи и други предмети за подготовка на истите. Најдени се машини, преси и компјутерска опрема за подготовка на лажните документи, а во еден од компјутерите, според исказите на лицата, имало фајлови со десетици илјади снимени телефонски разговори. За нивното вештачење ќе ни бидат потребни околу два до три месеци. Поради сензибилноста на истрагата нема да бидеме во можност сè да споделиме со јавноста“, рече Цветановски.

Дел од провладините медиуми вчера објавија дека кај уапсените за фалсификувањето лични карти биле пронајдени 70 илјади нелегално прислушувани разговори. Дел од медиумите го обвинија лидерот на СДСМ Зоран Заев дека им ги дал прислушуваните разговори. Заев, пак, на прес конференција ја повика власта да утврди како тие разговори се нашле кај уапсените.