Кратење на финансиските извори на ИД

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Кратење на финансиските извори на ИД

Советот за безбедност на Обединетите нации едногласно усвои резолуција за кратење на финансирањето на екстремистичката група Исламска држава. Ова е еден од најновите потези на меѓународната заедница во борбата против тероризмот. Проценка е дека милитантите месечно за оружје одвојуваат по 30 милиони долари.

Со мерките се предвидува замрзнување на изворите за финансирање, забрана на патувања и ембарго за оружје за оваа милитантна група која контролира големи делови од Сирија и Ирак, вклучувајќи нафтени полиња.

Во резолуцијата која беше усвоена од сите 15 земји членки на Советот за безбедност, со кој овој месец претседаваат Соединетите Држави, се наведува дека Исламската држава е отцепена група од Ал Каеда и оти тероризмот може да се победи само со релевантен и сеопфатен пристап, вклучувајќи активно учество и соработка на сите држави и меѓународни и регионални организации.

„Меѓународната заедница мора да ги здружи силите за да ги спречи милитантите во обезбедувањето финансиски средства и во регрутирањето нови сили“, изјави генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, додавајќи:

Лидерите на ИД секој месец одвојуваат по 30 милиони долари за оружје користејќи прикриени компании во Источна Европа.
Виталиј Чуркин, руски амбасадор во ОН.

„Терористите собираат пари преку трговија со нафта, изнуда, тајни курири со готови средства, киднапирање за откуп, трговија со луѓе и оружје и рекетирање. Тие продаваат скапоцени културни добра и бесрамно профитираат од уништувањето на заедничкото наследство на човештвото“, рече тој.

Според Бан Ки-мун, ИД ги користи социјалните мрежи не само за радикализација и за регрутирање луѓе, туку и за собирање пари.

Постојаниот претставник на Сирија во Обединетите нации, Башар ал Џафари, изјави дека неговата земја, по усвојувањето на оваа резолуција, очекува Советот за безбедност да ја преземе одговорноста за сите оние земји кои го поддржуваат тероризмот чија жртва, како што рече, е сирискиот народ.

„Тие добро познати влади овозможија доаѓање странски борци во Сирија кои сега го тероризираат населението“, изјави тој.

Советот за безбедност во февруари усвои резолуција со која се забранува трговија со антиквитети од Сирија и се бара од владите да не плаќаат за ослободување на нивните киднапирани граѓани.

„За жал обврските не се спроведуваа целосно и од сите“, изјави рускиот амбасадор во Обединетите нации Виталиј Чуркин, додавајќи дека најодговорни за спречување на каналите на финансирањето на милитантите на ИД се земјите кои се граничат со Сирија и Ирак.

Според Чуркин, Исламската држава годинава заработила 250 милиони долари од продажбата на фосфати, 200 милиони од јачмен и 100 милиони долари од продажба на цемент.

„Лидерите на ИД секој месец одвојуваат по 30 милиони долари за оружје користејќи прикриени компании во Источна Европа“, рече Чуркин.

Експертите на ОН проценуваат дека околу 22 илјади борци од 100 земји се поврзани со Ал Каеда и Исламската држава во Сирија и Ирак.