Судири во Анкара меѓу прокурдски демонстранти и полицијата

Десетици курдски демонстранти и полицајци се судрија во Анкара. Демонстрантите фрлаа со шишиња, камења и петарди, а полицијата употреби солзавец и водени топови. Демонстрантите, студенти од Техничкиот универзитет на Среден исток, носејќи голем транспарент со текст „Курдскиот народ не е сам“ почнаа марш во правец на претседателската палата. Но, тие беа спречени од полицијата да излезат од универзитетскиот кампус. Најмалку шест лица се приведени. Турските безбедносни сили од вчера водат голема операција против бунтовниците од Курдската работничка партија во југоисточниот дел на Турција. Во офанзивата на турските безбедносни сили загинаа најмалку 25 курдски бунтовници.