Меѓународен состанок за Сирија в петок во Њујорк

Меѓународен состанок за Сирија ќе биде одржан в петок во Њујорк на ниво на министри за надворешни работи. Ова го објавија шефовите на дипломатиите на Русија и на Соединетите држави Сергеј Лавров и Џон Кери по нивниот состанок во Москва со рускиот претседател Владимир Путин. До сега Москва не сакаше да потврди дали ќе учествува на тој состанок кој спаѓа во таканаречениот Виенски процес составен од 17 земји. По разговорите во Њујорк, Москва сака да предложи нацрт резолуција во Советот за безбедност на Обединетите нации, изјави Лавров. Со принципите востановени во Виена се предвидува во почетокот на јануари да се одржи состанок меѓу опозицијата и властите во Сирија, формирање транзициска влада за шест месеци и одржување избори за 18 месеци. Кери во Москва разговараше со Путин околу три часа.