Обама: стратегијата на САД против ИД успева

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека милитантната група Исламска држава загубила големи делови од територијата што биле под нејзина контрола во Ирак и Сирија. Сепак тој наведе дека е неопходен натамошен напредок со цел побрзо справување со милитантите. Говорејќи пред новинарите во Пентагон, Обама изјави дека побарал од секретарот за одбрана Еш Картер Соединетите држави повеќе да придонесуваат во коалицијата што ја предводат против ИД. Обама обелодени дека американски командоси започнале заеднички да работат со локални борци во Сирија околу градот Рака, кој се смета за главно место на милитантите на ИД. „Лидерите на ИД не можат да се скријат и нашата порака е: вие сте на ред“, рече Обама.