Блокиран процесот за избор на експерти во ДИК

Процесот за избор на тројцата експерти во Државната Изборна Комисија дефинитивно е закочен, брифираат извори од СДСМ вклучени во разговорите на работната група, кои велат дека неприфатливо е барањето на ВМРО ДПМНЕ, експертите да не ги исполнуваат меѓународните стандарди. Од СДСМ велат дека од сите 40 аспиранти за 3-те места за експерти во ДИК има сериозни кандидати од кои некои имаат и меѓународно искуство во следење изборни процеси, но дека за ВМРО ДПМНЕ биле неприфатливи најквалитетните предлози.

Според СДСМ, ВМРО ДПМНЕ како експерти ги смета луѓето кои биле само набљудувачи на избирачки одбор, додека оваа партија не прифаќала предлог на СДСМ, за човек кој бил набљудувач на избори во странство.

Според договорот, тројцата членови на експертската група е пропишано да се изберат со консензус, но со ваквото минирање на процесот на одлучување, велат од СДСМ се става под прашање целиот процес на избори во ДИК, и со тоа се проблематизираат и самите избори на 24 април следната година.
СДСМ тврди дека целта на ВМРО – ДПМНЕ е да нема воопшто промени, ниту во ДИК, а последично и промени во преговорите за медиумите, кои исто така се закочени. Оттука, во СДСМ се децидни, или ќе се оди на избори кои ќе бидат беспрекорно организирани, или воопшто нема да има договор.

Извори од ВМРО ДПМНЕ пак брифираат дека со селекција на кандидатите се дошло до избор од шест кандидати за експерти во ДИК и оти СДСМ предложиле двајца кандидати кои ВМРО ДПМНЕ ги прифатиле. Како што тврдат во ВМРО ДПМНЕ, СДСМ биле затекнати од тоа. Проблемот бил кога кандидатот за експерт кој бил Албанец, СДСМ го прогласиле дека е од ВМРО ДДПМНЕ. Од ВМРО ДПМЕ се категорични дека странците нема да одлучуваат кои експерти би влегле во ДИК и дополнуваат дека тоа е надлежност на работната група.