Анкетната комисија за прислушувањето ќе сослушува сведоци

Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето денеска на седница треба да ги сослуша сведоците. Повикани пред Комисијата да сведочат се премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, поранешниот директор на ДБК Сашо Мијалков и шефот на кабинет на премиерот Мартин Протоѓер. Тие треба да ја информираат Комисијата кога во периодот од 9 до 15 декември ќе можат да сведочат. На листата на сведоци на ВМРО-ДПМНЕ беа премиерот Груевски, вицепремиерот Ставрески и поранешната министерка Јанкулоска, додека на листата на СДСМ се Мијалков, Јанакиески и Протоѓер. Седниците на кои што ќе бидат сослушувани сведоците ќе бидат затворени за јавноста. Предвидено е двете активности да се одвиваат паралелно од 7 декември до 22 јануари 2016 година. Според тајмингот за работа, седница за подготовка на извештајот на Комисијата е планирана за 29 јануари 2016 година. Извештајот треба да биде готов до 31 јануари.