Грчкиот парламент го усвои буџетот за 2016 година

Грчкиот парламент рано утринава го усвои буџетот за 2016 година, пренесува БТА. Предлог-буџетот на министерот за финансии Евклидис Цакалотос доби 153 гласа „за" наспроти 145 гласа „против", додека двајца пратеници од 300-члениот парламент беа отсутни. Буџетот предвидува над пет милијарди евра намалување на трошоците и околу две милијарди евра од повисоки даноци, со цел да се задоволат барањата на меѓународните кредитори. Владата на премиерот Алексис Ципрас предвидува нула економски раст оваа година и 0,7 отсто во 2016 година. Претходно предвидуваше пад од 2,3, односно 1,3 проценти. Ципрас пред парламентот изјавидека растот ќе продолжи во втората половина на 2016 година и оцени дека една силна туристичка сезона би помогнала да се избегне рецесија. И покрај намалувањето на трошоците, се очекува долгот да порасне до 327,6 милијарди евра или 187,8 проценти од бруто домашниот производ во однос на 180,2 проценти во 2015 година.