Ирачките лидери бараат повлекување на турската војска

Ирачкиот премиер Хајдер Ал-Абади го осуди турското распоредување на војска во северен Ирак во близината на градот Мосул и побара итно да ја напуштат територијата. Во соопштението испратено денеска Абади наведува дека влегувањето на околу еден вооружен баталјон со тенкови и топови во северната провинција Ниневех е нарушување на ирачкиот суверенитет. Ирачкото министерство за надворешни работи го опиша влегувањето на околу 150 турски војници со 25 тенкови како упад и одби каква било воена операција која не е координирана со федералната влада во Багдад. Турски извори велат дека турските војници влегле вчера како дел од рутински вежби за обука на ирачките војници во близината на Мосул, град со повеќе од еден милион жители кој е заземан од Исламска држава во јули лани. Истите извори наведуваат дека Турција веќе има своја војска во ирачкиот автономен регион Курдистан и дека Соединетите Држави и другите земји кои се вклучени во борбата против ИД знаеле за влегувањето на војниците во областа околу Мосул. Претставници на власта во Вашингтон пак велат дека биле свесни за потегот на Турција, но дека тој не бил во координација со коалицијата против Исламска држава која оперира во северен Ирак.