Турција и ЕУ се договорија за мигрантскиот бран

Турција и Европската унија постигнаа согласност околу договорот за запирање на мигрантскиот бран кон Европа. Според договореното, Турција ќе прими 3 милијарди долари помош за сириските бегалци во замена за поголема контрола на нејзините граници и за задржување на бегалците во таа земја. Европската унија исто така ќе ги обнови разговорите за пристапување на Турција кон Унијата. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск на прес конференцијата во Брисел со турскиот премиер Ахмед Давутоглу изјави дека парите ќе бидат искористени за нови бегалски кампови во Турција каде што има над 2 милиона сиријци. Давутоглу оцени дека Унијата и Турција ја плаќаат цената на неуспехот на Обединетите нации да ја решат кризата во Сирија.