Косовската полиција го уапси екс-лидерот на Самоопределување

Косовската полиција попладнево во Приштина го уапси основачот и поранешен лидер на националистичката партија Самоопределување, Албин Курти, против кого беше издадена потерница за апсење. Како што јави Танјуг, Курти бил уапсен во седиштето на Самоопределување, заедно со уште неколку лица кои се наоѓале со него во објектот.

Курти пристигна во седиштето на партијата, откако преходно говореше на собирот против формирањето на Заедницата на српски општини, што во Приштина го организираа трите најголеми опозициски партии во Косово.

Полиција најави дека ќе го уапси Курти „ако ѝ се укаже можност“, но тоа не го стори за време на протестот, со образложение дека не сакала да предизвикаа ескалација на состојбата.

По апсењето на Курти, група членови на Самоопределување се упатија кон седиштето на Општина Приштина, но во тоа беа спречени од полицијата. При инцидентот се приведени неколку членови на Самоопределување.

Претходно, во обраќањето на протестниот собир, Курти порача дека опозицијата нема да дозволи формирање на Заедницата на српски општини и повика на обединување на Косово со Албанија.

„Нема да дозволиме Србија да дојде на три километри од Приштина“, нагласи Курти, додавајќи дека косовската Влада „наместо да работи на обединување со Албанија, го обединува Косово со Србија“.

Курти истакна дека обединувањето на Албанците не претставува препрека за европската интеграција на Косово и ја обвини косовската Влада дека „тргува со националните интереси“.

Покрај Курти на собирот говореа и актуелниот лидер на Самоопределување, Висар Имери и првите луѓе на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај и на Иницијативата за Косово, Фатмир Лимај.

Протестот, на кој учесниците носеа знамиња на Албанија и шалови со албански симболи, мина без инциденти. Собирот беше обезбедуван од јаки полициски сили