Бајден - Неопходна е интеграција на земјите од Западен Балкан

Не е возможно Европа да биде цела, слободна и мирна без целосна интеграција на земјите од Балканот. Имаме и други одговорности ширум светот, но за Европа и САД е битна иднината на регионот на Југоисточна Европа, порача вечерва американскиот потпретседател Џо Бајден на затворањето на Самитот на лидерите на Брдо-Бриони процесот што се одржа во Загреб.

Тој истакна дека границите во Европа треба да ги поврзуваат земјите, а не да ги раздвојуваат, а токму затоа, како што рече, е неопходна интеграција на сите земји во Европската унија и НАТО.

„Тоа е најдобар начин за да се промовира стабилност, сигурност и просперитет. За тоа се неопходни реформи за да ја сузбијат корупцијата, да го подобрат владеењето на правото, да го зајакнат цивилното општество и независноста на медиумите, како и да ги реформираат оружените и разузнавачките служби. Ние сме подготвени да им помогнеме да го спроведат овој процес на сите кои сакаат да го направат тоа, потенцира Бајден.

Американскиот потпретседател го оцени напредокот на секоја од земјите од регионот и ги кажа своите забелешки, нагласувајќи дека вратата на НАТО останува отворена за сите.

„Во Македонија имаше политичка криза и доведе до забавување на реформите. За среќа новиот политичкиот договор што е постигнат предвидува избори пролетва и им дозволува на партиите да ги продолжат неопходните реформи за да се придвижи земјата напред. Се надевам и ги охрабрувам да ги отворат вратите за интеграција да ги надминат проблемите вклучувајќи го и оној за името со Грција“, рече Бајден.