САД и Франција обединети против тероризмот

Американскиот претседател Барак Обама со францускиот претседател Франсоа Оланд.

Американскиот претседател Барак Обама изјави денеска дека неговата земја и Франција се обединети против тероризмот и додаде дека милитантната група Исламска држава и нејзината идеологија претставуваат сериозна закана за сите. Говорејќи на заедничката прес конференција со францускиот претседател Франсоа Оланд во Вашингтон, тој порача дека САД стојат зад своите пријатели и во добро и во лошо.

Оланд повика на интензивирање на воздушните напади против милитантите во Сирија и Ирак и создавање на меѓународна коалиција со цел да биде поразена Исламската држава. Според него, потребно е затворање на турско сириската граница со цел да се спречат терористите да влезат во Европа. Тој порача и дека Франција нема да спроведе копнени операции во Сирија. Обама ја повика и ЕУ да имплементира договор со кој ќе се делат информации за патниците на авиособраќајот.