САД сакаат брз напредок против ИД

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

САД сакаат брз напредок против ИД

Соединетите Држави притискаат на поголем ангажман од сојузниците во борбата против милитантите на Исламската држава. Тоа, како што се оценува во Вашингтон, е неопходно по низата терористички напади за кои одговорноста ја презеде оваа екстремистичка организација.

Брет Мекгурк, пратеник на американскиот претседател Барак Обама во коалицијата која се бори против милитантите на Исламската држава во Сирија и Ирак, побара од претставниците на 65 земји членки на оваа коалиција да го зголемат притисокот врз оваа екстремистичка организација.

„Мора да правиме повеќе како коалиција во координирањето на нашите напори за притисок врз глобалната мрежа на Исламската држава“, рече тој.

Мекгурк и потпретседателот Џо Бајден им се обратија на амбасадорите на 59 од 65 земји учеснички во коалицијата на состанокот во Вашингтон кој беше фокусиран врз кратењето на финансирањето на милитантите на Исламската држава, како и врз спречувањето на луѓето кои сакаат да им се приклучат во Ирак и Сирија.

Веруваме дека може повеќе да се стори ако земјите имаат волја да придонесат со дополнителни средства.
Џош Ернст, портпарол на Белата куќа.

Коалицијата ги бомбардира позициите на милитантите во Сирија и Ирак повеќе од една година.

Но, оваа кампања стана поургентна по неколкуте смртоносни напади во Анкара, Багдад, Бејрут и Париз, како и по уривањето на рускиот патнички авион над Египет, за кои одговорноста ја презедоа милитантите на Исламската држава.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Џон Кери во Абу Даби изјави дека тој и Обама сакаат да видат што е можно побрз напредок против Исламската држава.

Во Вашингтон, портпаролот на Белата куќа Џош Ернст повтори дека е неопходна поголема ангажираност на сојузниците и оти сега „Вашингтон влече повеќе од својата тежина“.

„Веруваме дека може повеќе да се стори ако земјите имаат волја да придонесат со дополнителни средства“, рече Ернест.

Ваквиот повик доаѓа пред посетата на францускиот претседател Франсоа Оланд на Вашингтон и разговорите со претседателот Барак Обама. Оланд веднаш потоа заминува за Москва на состанок со рускиот претседател Владимир Путин.

Франција ги интензивира нејзините воздушни напади во Сирија по терористичкиот чин во Париз на 13 овој месец, а ја зголеми и воената соработка со Русија во Сирија.

Вашингтон останува скептичен во врска со руската воена кампања во Сирија која е покрената во септември годинава.

Имено се смета дека таа била повеќе насочена за поддршка на режимот на Башар ал Асад, а не против милитантите на Исламската држава.

Меѓутоа, државниот секретар Кери во Абу Даби изјави дека е можна поголема соработка со Русија под одредени околности.

Портпаролот на Белата куќа Ернст, пред новинарите во Вашингтон, рече дека Соединетите Држави го продолжуваат разговорот со Путин во врска со ова прашање.