Обама:Руските воздушни напади треба да се фокусирани кон ИС

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека Русија треба да донесе стратегиска одлука со која ќе тргне во борба против милитантната група Исламска држава, а не и кон сириските опозициски сили кои се борат против Владата во Дамаск. Тој на прес конференција во Малезија го повика рускиот претседател Владимир Путин да се приклучи кон коалицијата предводена од САД во борбата против милитантите од ИС, кои како што посочи, се обвинети за уривањето на рускиот патнички авион минатиот месец, при што загинаа 224 руски патници.

„Путин мора да се бори против оние кои убија руски државјани,“ изјави Обама.

Русија започна со бомбардирање врз ИС како поддршка на сирискиот претседател Башар Ал Асад на 30-ти септември, и најави дека ќе ги засили нападите по соборувањето на рускиот патнички авион.

Обама изјави дека САД и нејзините коалициони партнери „нема да попуштат“ во борбата против ИС, инсистирајќи дека светот нема да ги прифати нападите на екстремистите врз цивилите во Париз како да е тоа „нова нормална работа“.