Попоски на конференција на Вишеградската група и Западен Балкан

Министерот за надворешни работи Никола Попоски

Министерот за надворешни работи Никола Попоски ќе учествува на министерската конференција на земјите од Вишеградската група и Западен Балкан, која денеска и утре ќе се одржи во Прага. Конференцијата е под покровителство на Министерството за надворешни работи на Чешка како актуелен претседавач со Вишеградската група.

Покрај министрите за надворешни работи на земјите од Вишеградската група (Чешка, Полска, Словачка, Унгарија), Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и Словенија и Хрватска, се очекува, како специјални гости на конференцијата да учествуваат и потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс и министерот за надворешни работи на Велика Британија, Филип Хамонд, соопшти Министерството за надворешни работи. Главни теми на конференцијата ќе бидат миграцијата, проширувањето и регионалната соработка, а предвидено е и потпишување на основачките документи на Фондот за Западен Балкан.