Собранието расправа за избор на министри и заменици

Премиерот Никола Груевски

Собранието денеска ја почна седницата за избор на министри и заменици министри согласно договореното на последната лидерска средба во Клубот на пратениците и договорот од Пржино. Министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика Митко Чавков и Диме Спасов поднесоа оставки, бидејќи согласно договорот со функциите треба да раководат претставници на опозицијата.

Премиерот Никола Груевски во предлогот што го достави до Собранието наведува дека оставките на Чавков и Спасов се резултат на Договорот од 2 јуни и Протоколот од 15 јули склучени меѓу најголемите владејачки и опозициски политички партии, и согласно измените на Законот за Влада. За министри се предлагаат Оливер Спасовски за внатрешни работи и Форсина Ташевска Ременски за труд и социјална политика. На испразнетото министерско место во информтичко општество и администрација се предлага Марта Арсовска Томовска.

Заменици министри исто така од редот на опозицијата ќе бидат Александар Кирацовски во Министерството за информатичко општество и јавна администрација, Љупчо Николовски во Министерството за земјоделство и Кире Наумов во Министерството за финансии.