Попоски во Белград на средби со Дачиќ и Вучиќ

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска оствари работна посета на Република Србија.

За време на посетата се сретна со српскиот министер за надворешни работи и потпретседател на Владата, Ивица Дачиќ, а оствари средба и со српскиот премиер Александар Вучиќ.

На средбите, како што соопшти МНР, потврдени се определбите на двете земји за понатамошен развој на билатералните односи во сите области од заеднички интерес, како и намерата за зајакнување на економската соработка.

Соговорниците разговарале и за евроинтеграциите и се согласиле дека ќе продолжат меѓусебно да се поддржуваат на европскиот пат.

Со оглед на тоа дека Македонија и Србија се соочуваат со голем прилив на мигранти од Блискиот и Средниот Исток, соговорниците истакнале дека двете држави се подготвени да ја продолжат меѓусебната координација, како и координацијата со нивните европски партнери во решавањето на ова прашање.

На средбата е нагласена важноста од одржување на мирот и стабилноста во регионот и од двете страни е изразена подготвеност дека ќе продолжат да даваат придонес во остварување на оваа цел.