Партиски препукувања за загадениот воздух

Илустрација.

СДСМ ја обвини власта дека цели 10 години нема решение за проблемот со огромната загаденост на воздухот што ги труе граѓаните. Партијата посочува дека мерните станици постојано покажуваат огромна загаденост на воздухот во Македонија.

„Станицата во Лисиче покажува дека последните три дена воздухот во овој дел од Скопје бил загаден 10 пати над дозволеното. Концентрацијата на штетните честички ПМ10 се движел од 415 до 534 милиграми а дозволени се само 50 милиграми“, стои во денешното соопштение од СДСМ.

Иста е состојбата, се наведува, и во другите делови во Скопје, Карпош, Центар, но и во Тетово, Кавадарци, како и во поголемите градови во Македонија.

„Според Светка банка Македонија е на самиот врв по годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух, односно од канцерогените честичките кои предизвикуваат рак. Извештајот „Зелен раст“ на Светска банка покажува дека Македонија е на прво место на листата за изложеност на граѓаните на загаден воздух со цврсти честички. Тоа е најголемата причина за повеќе од 1.350 смртни случаи годишно во Македонија, од рак и болести на дишните патишта“, се посочува во соопштението од СДСМ.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговори дека за разлика од СДСМ, оваа влада го воспостави мониторинг системот за мерење на квалитет на воздух. СДСМ како и за сè, така и за ова немаше храброст и намера да се справува со проблемот, па одлучи дека најдобро е да не прави ништо, стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ, се потенцира, го спроведе законот сите индустриски капацитети да ги осовременат своите технологии до 1-ви април 2014 година.

„Оваа влада и градоначалникот Трајановски изградија и проширија булевари во Скопје за побрз проток на сообраќајот. Оваа влада набави преку 300 нови автобуси кои 40 години не беа променети. Оваа влада направи проект за гасификација на цела Македонија и целосна гасификација на Скопје за што владата на СДСМ ниту размислуваше, па немаше изработено ниту проектна документација“, стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.