Висока излезност на изборите во Хрватска

Во претпладневните часови од денешните парламентарни избори во Хрватска регистрирана е висока излезност на гласачите, со оглед на фактот дека избирачкото право го искористиле 685.837 граѓани или 21,5 отсто од запишаните во избирачкиот список, јави хрватската Државна изборна комисија.

„Ова се податоци за одѕивот до 11:30 часот, што се доставени од 85 отсто избирачки места на кои се запишани околу 3,2 милиони избирачи“, изјави претседателот на Комисијата, Бранко Хрватин, а пренесе агенцијата Хина.

Одѕивот на избирачите е подобар отколку на изборите во 2011 година, кога до 11:30 часот гласале 566 илјади избирачи, односно 16,4 отсто.

Во Хрватска утринава во 7 часот беа отворени сите избирачки места за изборите на кои се одлучува за новиот состав на Хрватскиот сабор, а кои во јавноста се оценуваат како најнеизвесните досега.

Се смета дека има мала веројатност која било од двете највлијателни партии во власта и опозицијата, СДП И ХДЗ, да освојат мнозинство доволно за самостојно формирање влада.