Хрватите денеска избираат нов Сабор

Во Хрватска денеска избирачите одлучаат за новиот состав на Хрватскиот сабор. Се смета дека мала е веројатноста дека било која од двете највлијателни партии на власта и опозиција, СДП И ХДЗ, ќе успеат да освојат мнозинство доволно за формирање влада.

Ова се осми парламентарни избори во Хрватска од 1990 година, но се први на кои гласачите ќе можат да го искористат својот преферцијален глас, односно покрај што ќе гласаат за кандидатската листа, на неа ќе можат да заокружат и име на кандидат на кој му даваат предност да биде избран за пратеник, меѓу сите останати предложени кандидати. Согласно ова правило кандидатот од една листа кој ќе освои најмалку десет проценти од гласовите има предност при добивањето пратенички мандат, пред останатите од листата независно на кое место се наоѓа.

Хрватските гласачи треба да изберат 151 пратеник во десет изборни единици во земјата, на кои ќе им се приклучат уште тројца пратеници од дијаспората и осуммина народни избраници на националните малцинства, кои се избираат во посебна изборна единица.