Ќе добие ли Атина следна рата од финансиската помош?

Шансите министрите за финансии на еврозоната да одобрат исплатата на следната под-транша од финансиската помош за Грција на состанокот во понеделник се мали.

Ова стана јасно по вчерашното одложување на состанокот на Евро работната група до момент кога ќе има „поголема јасност“ во врска со тоа како стои Грција со нејзините напори за завршување на реформите кои ги бараат нејзините кредитори.

Вчера беше откажана телеконференција на техничките експерти, кои ја подготвуваат агендата за состаноците Еврогрупата, откако било утврдено дека се уште не се завршени меѓу 10 и 15 од 49 таканаречени „претходни постапки“ кои треба да бидат исполнети пред да се додели следната рата од две милијарди евра.

„Средбата на Еврогрупата во понеделник е можност да се преземат акции со цел да има напредок. Откако ќе заврши проценката, земјите-членки ќе донесат одлука за доделување средства“, изјави портпаролката на ЕУ за економски прашања Аника Брајтхард.