Брисел:Самит за мигрантите и закани за затворање граници

Европската унија и балканските лидери денеска одржуваат итни разговори за европската бегалска криза во пресрет и на заканите дека три земји ќе ги затворат границите ако западно европските земји престанат да примаат мигранти. Мини самитот во Брисел се одржува на иницијатива на претседателот на Европската комисија Џан Клод Јункер а на него присуствуваат лидерите од осум земји-членки на Унијата кои се силно погодени од кризата, меѓу кои е и германската канцеларка Ангела Меркел и лидерите на две земји кои не се членки-Македонија и Србија.Од Македонија претставник на самитот е претседателот Ѓорге Иванов. Вчера Бугарија, Романија и Србија предупредија дека нема да дозволат да станат “тампон зона” за десетици илјади мигранти кои одат кон западните европски земји а најголем дел од нив се од Сирија, Авганистан и Ирак. Бугарскиот премиер Бојко Борисов по разговорите со неговите колеги од Србија и Романија, вчера во Софија рече дека трите земји ќе ги затворат границите во ист момент ако Германија, Австрија и другите земји во западна Европа ги затворат своите граници.
Според најавите, како што пренесува МИА, Јункер денеска се очекува да претстави план од 16 точки за справување со бегалската криза, а според официјалната најава на Еврокомисиајта целта на овој мини-Самит е да се договорат заеднички оперативни заклучоци што ќе може веднаш да бидат спроведени. Според нацрт-документот што деновиве го објавија дел од германските медиуми, главна порака на денешниот мини-самит што се очекува да заврши со заедничка декларација е европските земји да престанат со префрлање на мигранти кај соседните земји без претходни консултации.