Медведев - Русија не го брани Асад

Рускиот премиер Дмитриј Медведев ги отфрли обвиненијата дека Русија го брани сирискиот претседател Башар ал-Асад. Во денешното интервју за руската државна телевизија ,Медведев рече дека Русија ги брани своите „национални интереси“ со воени операции во Сирија, откако тоа го побарале законските органи на таа земја.

Медведев додаде дека за прашањето - кој ќе ја води Сирија, треба да решава сирискиот народ. Тој рече дека единственото нешто што е важно за Москва е дека не сакаат Исламската држава да ја заземе Сирија.

Москва вели дека нејзините воздушни напади во Сирија се исклучиво насочени кон Исламската држава, додека САД и други земји велат дека тие се во насока на зацврстување на позициите на Асад и се насочени кон неговите противници.