СДСМ: нема преговори без спроведен Закон за специјално обвинителство

Преговорите меѓу четирите партии за отворените прашања нема да продолжат се додека не се испочитува и спроведе Законот за Специјално јавно обвинителство, односно не се изберат предложените обвинители, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се наведува дека Советот на јавни обвинители има обврска да го почитува законот и да му овозможи на Специјалниот јавен обвинител да го комплетира тимот на соработници согласно законските овластувања.

„Бараме итна средба на четирите партии и претставниците на меѓународната заедница за кршењето на Законот за Специјалното јавно обвинителство и утврдување на рокови за исполнување на законските обврски. Укажуваме дека во интерес на иднината и перспективата на Република Македонија е да и се овозможи на специјалната јавна обвинителка да работи самостојно и независно согласно законските овластувања“, стои во соопштението на СДСМ.