САД и ЕУ- СЈО да го именува тимот на Јанева

Катица Јанева

Амбасадата на САД и Делегацијата на Европската Унија во Скопје го поздравуваат досега постигнатиот напредок по однос на спроведувањето на Законот за јавниот обвинител за истраги за прислушуваните комуникации, што, како што наведуваат, е клучен сегмент од политичкиот договор.

Во заедничката изјава се вели дека позитивни моменти претставуваат брзото именување на Катица Јанева на функцијата јавен обвинител за истражување на прислушуваните комуникации, фактот што таа достави навремен предлог за тим на обвинители до Советот на јавни обвинители, и општи планови за работа, за тимот и за финансиите до Собранието, до Владата и до Советот на јавни обвинители.

Од суштинска важност е Советот на јавни обвинители да ја изврши својата улога согласно Законот за водење на истраги за прислушуваните комуникации и да го именува тимот на Јанева, за да може нејзиното обвинителство да почне да го извршува својот мандат и своите задачи независно и без да трпи каков било облик на политички притисок, се наведува во изјавата.

Делегацијата на ЕУ и амбасадата на САД, се подготвени да помогнат доколку тоа се побара од нив и да обезбедат обука и техничка помош за канцеларијата на јавниот обвинител да води истрага за прислушуваните комуникации.