Турција: Руски авиони го нарушија турскиот воздушен простор

Турското министерство за надворешни работи соопшти дека руски воени авиони го нарушиле турскиот воздушен простор. Министерството соопшти дека бил повикан рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов во знак на протест поради нарушувањето кое се случило на 3 отомври во близина на границата меѓу Турција и Сирија. Во соопштението се вели дека два турски авиони Ф16 принудиле руски авион да го напушти турскиот воздушен простор. На Карлов му било кажано дека доколку руските воени авиони и во иднина го повредуваат турскиот воздушен простор, „Москва ќе биде одговорна за секој несакан инцидент.“ Турски претставници велат дека истата порака му била пратена и на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.