Лекари без граници го напуштаат Кундуз

Организацијата лекари без граници соопшти дека ги завршува активностите во авганистанскиот град Кундуз откако во воздушни напади, за кои постои сомневање дека биле изведени од американски сили, врз болницата на оваа организација во тој град биле убиени најмалку 22 луѓе. Лекари без граници побараа и независна истрага за она што го оценија за воено злосторство и ги отфрлија наводите дека во болницата имало стационирано милитанти. Авганистанските власти соопштија дека бунтовниците ја искористиле болницата како позиција од каде што вршеле напади врз авганистанските сили. Американскиот претседател Барак Обама изјави дека Пентагон покренал целосна истрага во врска со инцидентот.