Се урна американски воен авион во Авганистан, 11 загинати

Американската армија соопшти дека 11 луѓе загинале, меѓу кои 6 членови на американските служби при уривањето на воен транспортен авион во Авганистан. Авионот се урнал околу полноќ по локално време кај аеродромот во Џалалабад во источен Авганистан во близина на границата со Пакистан.

Талибанците соопштија дека го собориле авионот во изјава на портпаролот Забинулах Муџахид на Твитер. Американски претставници информираа дека е во тек истрагата за причините за инцидентот. Полковникот Брајан Трибус потврди дека екипажот и патниците се мртви, додавајќи оти меѓу нив има и 5 цивили кои работеле под договор за „Resolute support“, тренинг мисија предводена од НАТО.