Москва и Западот спорат околу целите на руските напади во Сирија

По почнувањето на воздушните напади на Русија во Сирија, различни се реакциите за тоа кои цели се нападнати. Москва тврди дека целта на нападите се милитантите на Исламската држава (ИД), додека западните претставници велат дека офанзивата може да е насочена кон други противници на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Руското министерство за одбрана соопшти дека воени авиони вчера извеле 20-ина летови, при што биле нападнати 8 објекти кои се под контрола на силите на ИД во Сирија.

Меѓутоа, американски воен претставник и сириска опозициска група која е сојузник на Западот соопштија дека во нападите не биле погодени цели на ИД, туку области кои се под контрола на умерени групи кои се борат против Асад и се сојузници со Западот.

Сириската Национална коалиција соопшти дека во нападите во провинцијата Хомс биле убиени 36 цивили, меѓу кои и 5 деца, а Русија веднаш ги демантира ваквите тврдења.