Град Скопје: Невкусна политичка игра е денешниот протест

Невкусна политичка игра е денешниот протест насловен како „Коце врати ни ги улиците“, е наведено во реакцијата на Град Скопје. Во продолжение се вели дека е неразбирлива потребата од грубо лажење на јавноста дека за сообраќаните незгоди е одговорен градоначалникот. Неколкуте сообраќајни несреќи кои организаторите на оваа група ги посочуваат како причина за денешниот протест се случија поради невнимание на лицата кои управувале со моторни возила, а не поради недостаток на сообраќајната инфраструктура или сигнализација“, стои во реакцијата.

Претходно низ скопските улици на протестен марш излегоа стотици граѓани кои изразија револт поради зголемениот број на загинати пешаци и велосипедисти. Тие побараат од градоначалникот на Скопје Коце Трајановски што е можно побрзо решавање на инфраструктурите проблеми кои досега ја загрозуваат безбедноста на тие кои не возат моторни возила, а се директни учесници во сообраќајот.

За помалку од една година, на скопските улици загинаа петнаесетина пешаци и велосипедисти. Денеска почина и шеесетгодишен велосипедист кој вчера беше прегазен на Партизанска.