Протест под паролата „Коце врати ни ги улиците“

Со парола „Коце врати ни ги улиците“ и легнати велосипеди започна денеска протестниот „ Марш на молкот“ пред фонтаната на Градскиот парк, јавуваат информативните портали. Стотици граѓани со цвеќе во раката и едноминутно молчењему оддадале почит на загинатото 13 годишно момче, кое пред неколку дена беше прегазено додека возело велосипед. Причината за протестот е зголемениот број на жртви од несовесни возачи како и небезбедноста на скопските улици за пешаците и велосипедистите поради недостигот на инфраструктура за нив. Демонстрантите бараат од градоначалникот на Скопје Коце Трајановски што е можно побрзо решавање на инфраструктурните проблеми кои досега ја загрозуваат безбедноста на тие кои не возат моторни возила, а се директни учесници во сообраќајот.

За помалку од една година, на скопските улици загинаа петнаесетина пешаци и велосипедисти. Денеска почина и шеесетгодишен велосипедист кој вчера беше прегазен на Партизанска.