ЕУ самит: милијарда евра помош за мигрантите

Европските лидери се согласија да дадат милијарда евра помош за Сиријците во бегалските кампови во Турција, Јордан и Либан. Финансиска помош ќе им биде дадена и на Македонија и на Србија кои исто така се соочуваат со мигрантската криза. Лидерите се договорија до крајот на ноември и да бидат формирани центри во Грција и Италија каде што експерти на Унијата брзо ќе ги идентификуваат и регистрираат луѓето на кои им е потребен азил, изјави претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, по седумчасовниот вонреден самит во Брисел. „Овие мерки нема да и стават крај на кризата. Но, тие се неопходни чекори во вистинска насока“, изјави Туск, додавајќи дека лидерите овој пат биле единствени околу задолжителните квоти за распоредување на 120 илјади бегалци меѓу членките на Унијата.