На децата од 11 Октомври им било лошо поради топлите училници?

Илустрација.

Водата за пиење во ОУ „11 Октомври“ е хемиски и бактериолошки исправна. Примероците воздух земени од училниците се исправни и не се најдени концентрации над дозволени граници на поедини параметри, освен енормно зголемена температура во училниците, каде што биле децата, минимално зголемени концентрации на сулфур водород и јаглерод моноксид кои можат, но не мора во одреден период да го нарушат здравјето на децата.

Ова денеска го истакна Јованка Костовка, државен советник во Министерството за здравство, која ги соопшти резултатите од испитувањата на мострите на вода и воздух земени од училиштето од страна на Центарот за јавно здравје - Скопје.

Според неа, можно е во вакви случаи во услови кога децата учат на многу високи температури, без проветрување, без доволно кислород, да се јават главоболки, гадење, па дури и повраќање.

„Една од причините може да е тоа, меѓутоа кај децата каде имаме и пролив можно е да е коинциденција со летните вируси. што ги има и во други училишта по еден, два до три случаи. Ќе беше поинаку ако сите 40 деца беа со проливи, гадења, повраќања и тогаш навистина ќе стануваше збор за нешто посериозно. Во моментов нешто посериозно за паника нема“, посочи Костовска.

Нагласи дека имаат официјално пријави само за четири ученици, од кои три од Клиниката за инфективни болести и една од матичен лекар.

На новинарско прашање дали од понеделник училиштето ќе почне да работи рече дека родителите навреме ќе бидат известени. Посочи дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат ги чека официјално, написмено анализите, негативните резултати бидејќи еден траг беше затворен од нив, а целото училиште го затвори образование. Значи, рече Костовска, останува и тие да се изјаснат, а родителите ќе бидат навреме информирани.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа на што се должи непријатната миризба во училиштето, истакна дека застарена канализациска мрежа може во поедини услови да даде и зголемени концентрации на сулфур водород и јаглерод моноксид, што во минимални граници е најдено во анализите на воздух и за тоа ќе се дават предлог мерки за во иднина што може да се направи.