Унгарија ја постави оградата на границата со Хрватска

Унгарија целосно ја постави оградата на границата со Хрватска во должина од 41 километар, со цел да спречи илегален влез на бегалци во земјата, соопшти денеска Министерството за одбрана. Останатите 330 километри од границата меѓу Унгарија и Хрватска се долж реката Драва, која е тешко да се премине.

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ денеска изјави дека Хрватска ја принудила Унгарија да ги прими бегалците и дека тоа ќе го прави и во иднина.

„Со Унгарија немаше договор. Ги принудивме да ги примат бегалците така што ги испративме луѓето таму, тоа ќе го правиме и понатаму, изјави хрватскиот премиер за време на посетата на Бел Манастир, јави „Јутарњи лист“.

Милановиќ за проблемот со бегалците ги повика и Грција и Турција.

„Проблемот со бегалците е во Грција и Турција. Преку грчките острови минуваат 75-80 проценти од сите мигранти. Тоа треба да се спречи, ЕУ тоа треба да го преземе“, изјави Милановиќ.

Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ по седницата на Штабот за заштита и спасување изјави дека состојбата на терен е полоша од тоа што се мислело и истакна дека ќе биде неопходно ангажирање на хрватската армија.

Китаровиќ истакна дека во следните два дена се очекува да пристигнат уште 40.000 бегалци.

Според претседателката неопходен е ангажман на хрватската армија, и не само на активирање на војската долж границата, туку на целото подрачје.