Руските власти обвинија „надворешни сили“ за обид за нарушување на гласањето

Полицијата во централниот руски регион Кострома соопшти дека конфискувала околу 2 милиона рубљи, односно околу 30 000 американски долари од активист на невладината организација Отворена Русија. Полицијата денеска соопшти дека парите се пронајдени доцна вчера, а биле наменети да се исплатат активисти од млади радикални групи кои планирале незаконски активности со кои ќе ги нарушеле регионалните избори што треба да се одржат утре. Претседателот на руската централна изборна комисија Владимир Чуров денеска рече дека „надворешни сили“ биле заинтересирани да видат како изборите во регионот пропаѓаат. Иако Русија одржува локални избори во 83 региони на кои ќе се изберат повеќе од 10 илјади функционери само во регионот Кострома му беше дозволено на опозицискиот блок Парнас да учествува. Парнас претходно соопшти дека планираат да распоредат повеќе од 800 набљудувачи низ регионот за да се спречи каква било изборна измама. Руската невладина организација Голос која ги набљудува изборите на национално ниво пред два дена објави дека регистрирале повеќе од 700 случаи на евентуална изборна измама. Поранешниот министер за економија Андреј Нечајев за агенцијата Франс прес оцени дека ова е првпат да има толку многу манипулации со гласовите пред денот на изборите.