Пакистан го одбележува Денот на одбраната

Архивска фотографија.

Пакистан денеска го одбележува Денот на одбраната со едноминутно молчење и комеморација по повод 50-годишнината од војната против Индија во 1965 година.

Во војната поради спорниот регион Кашмир загинаа илјадници луѓе на двете страни. Тоа беше кулминација на судирите од април до септември 1965 година, кога САД и СССР извршија притисок врз Индија и Пакистан да договорат прекин на огнот што доведе до мировниот договор од јануари 1966 година, познат како Ташкентска декларација.

Централниот настан по повод Денот на одбраната ќе се случува во Генералштабот на пакистанската армија во Равалпинди. Воздухопловните сили, пак, ќе имаат аеромитинг во еден парк во Исламабад. Прослави ќе има и во Карачи, Пешавар, Мултан и во Азад Џаму и Кашмир, делот од Кашмир под пакистанска контрола.