Русија гради шпионска мрежа од советски тип во Европа

Чешката агенција за контраразузнавање соопшти дека бројот на руски шпиони останува висок и оти Кремљ гради шпионска мрежа во Европа, слична на советската мрежа од пред Втората светска војна.

„Се проценува дека Русија создава структура во Европа според концептот на Коминтерната основана од Советскиот Сојуз“, наведува Чешката служба за безбедност во годишниот извештај што беше објавен вчера.

Коминтерната или Комунистичката интернационала, асоцијација на локални комунистички партии, беше основана од Советска Русија во 1919 година за заштита на новиот режим во Москва од надворешни напади.

Во извештајот се наведува дека Кремљ исто така се обидува да ја преземе контролата врз организациите на руската заедница во Чешката Република.

Агенцијата наведува дека руските шпиони остануваат особено заинтересирани за чешкиот енергетски сектор, посебно за можно проширување на нуклеарните централи.

„Русија не ја смета борбата за чешкиот сектор за нуклеарна енергија како загубена битка“, се наведува во извештајот.