Рестрикции на вода во Тетово

Рестрикции на снабдувањето со вода на Тетово најави Јавното комунално претпријатие Тетово. Според Борче Бојоски од ЈКП „Тетово“, рестрикцијата е поради намалена издашност на планинските извори како последица на долготрајното топло време без врнежи од дожд, но и нерационалното користење на водата од страна на жителите на градот.

Рестрикциите вкупно ќе траат пет часа. Вода нема еднаш од 17:30 часот до 19:30 часот во текот на денот, а потоа без вода жителите се од 1:30 часот до 4:30 часот по полноќ.

Тетовци според проценките трошат и над 350 литри вода во секунда за нормално снабдување што не беше проблем додека од планинските извори имаше доток и до 500 литри во секунда на почетокот од летото.

„ Моменталната издашност на планинските извори е 230 литри во секунда и таа количина се надополнува од вклучените подземни бунари на подрачјето на градот. Тука може да се смета на 40 до 50 литри како дополнителна количина на вода за пиење меѓутоа и таа количина не е доволна“, изјави Бојоски.