Војните на Блискиот Исток оставија над 13 милиони деца без образование

Фондот за деца на Обединетите Нации соопшти дека поради конфликтот на Блискиот Исток, 13.7 милиони деца останале без образование. Во денешниот извештај УНИЦЕФ соопштува дека бројката претставува околу 40 отсто од децата на училишна возраст во Сирија, Ирак, Јемен, Либија и Судан. Во извештајот се вели дека бројката може да се качи до 50 проценти во следните месеци, ако конфликтот се интензивира. Во извештајот насловен „Образованието под оган“ се вели дека скоро 9000 училишта во Сирија, Ирак, Јемен и Либија не се во состојба да се користат за образование. Во 2014 година, УНИЦЕФ документираше 214 напади на училишта во Сирија, Ирак, Либија, на палесинските територии, во Судан и Јемен. Според УНИЦЕФ, надежите и иднината на генерацијата ученици низ регионот се уништени. Агенцијата посочува дека за оваа година се потребни дополнителни 300 милиони долари за да се обезбеди поголем пристап до образование за децата.