Што мислат Сиријците за мигрантите во Европа?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Што мислат Сиријците за мигрантите во Европа?

По четири години војна во Сирија, жителите на главниот град Дамаск се пред тешка одлука, да останат во земјата или да ризикуваат како илјадниците други и да мигрираат во Европа. Милиони Сиријци ја напуштија земјата од почетокот на граѓанската војна во 2011 година. Повеќето од нив се бегалци во соседните Либан и Јордан.

Немањето финансии ги принуди Обединетите нации да ја намалат помошта за стотиците илјади сириски бегалци во регионот.

Тоа принуди повеќето од нив, со оглед на тоа што на војната во нивната земја не и се гледа крајот да се решат на постојана миграција во Европа.

Но, снимките на мртви деца кои лежат на бреговите на Медитеранот или умирањето на патиштата низ Европа не ги премислуваат оние што веќе се решиле на таков потег.

Тешко е да се донесе одлука, но за некои Сиријци, како новинарот Мухамед, вреди да се ризикува, со оглед на очајната ситуација во неговата земја.

Не само јас што сакам да одам во Германија, туку и Германија ме сака мене исто така.
Мухамед, жител на Дамаск, главен град на Сирија.

„Сакам подобар живот и поголема стабилност. Немам никаква надеж дека војната во Сирија ќе заврши. Можеби таа ќе трае 10 или 20 години. Тоа ми се изгубени години. Ќе сторам се за да имам подобар живот од овој“, вели тој за новинската агенција Ројтерс.

Мухамед, како и многу други Сиријци, се надева дека Германија ќе биде нивната крајна дестинација, поради нејзината релативна гостопримливост што ја покажа за мигрантите кои во изминативе месеци пристигнаа таму.

„Ја одбрав Германија бидејќи таа најмногу им нуди на бегалците. Се грижи за нив“, вели тој, додавајќи дека Германија нуди олеснувања со тоа што не го почитува Даблинскиот договор за оние што пристигнуваат таму.

„Не само јас што сакам да одам во Германија, туку и Германија ме сака мене исто така“, наведува Мухамед.

Во изминатиов месец рекордни над 100 илјади баратели за азил пристигнаа во Германија, земја која има релативно либерални закони за азил и великодушни услови за мигрантите од југоисточна Европа и Блискиот Исток.

За разлика од Мухамед, новинарот Амир Деираван вели дека патот на мигрантите бил премногу опасен за и тој да се реши на таков потег.

„Оние сцени што се случуваат на море, во камиони, на границата во Македонија, Унгарија, Грција, Србија, дури и во Турција и приказните за трговци со човечки органи. Сето тоа ги тера луѓето два пати да размислат пред да се решат на таков чекор“, вели тој.

Сириецот Ахмад Хамдо кој неодамна заврши факултет за медиуми, пак, вели дека фокусирањето на медиумите врз смртта на илегалните мигранти можеби има за цел да заплаши луѓето.

„Секако се случуваат несреќи, но целта на прикажувањето на овие снимки е да ги натера луѓето да избројат до десет пред да емигрираат“, вели Ахмад.

Оние вклучени во операциите за шверц на луѓе во либанскиот град Триполи наведуваатдека од Сиријците наплаќаат неколку илјадни долари за да ги префрлат во Европа.