Русија против предлогот за ограничено право на вето во ОН

Виталиј Чуркин

Русија го отфрли како „популистички“ францускиот предлог за ограничување на правото на вето во Советот за безбедност на Обединетите нации. Франција покрена иницијатива за уверување на другите четири постојани членки на Советот за безбедност, Британија, Кина, Русија и Соединетите држави, да се воздржат од правото на вето кога е неопходна акција за масовни злосторства. „Ние сме против предлогот“ изјави рускиот амбасадор во Обединетите нации Виталиј Чуркин. Во јули Русија со вето блокираше две резолуции, едната со која масакрот во Сребреница се прогласува за геноцид и другата за формирање трибунал за одговорните на уривањето на малезискиот патнички авион над Украина. Резерви за идејата на Франција изразија и Соединетите држави и Кина.