Новинарката Исмаилова осудена на 7,5 години затвор

Судот во Баку ја прогласи за виновна истражувачката новинарка Хадиџа Исмаилова, за серија обвинувања кои од меѓународните групи за човекови права беа критикувани како политички мотивирани во врска со нејзиното известување за корупција на високи владини функционери.

Судот во Баку денеска ја осуди Исмаилова на 7 и пол години затворска казна за обвиненија за клевета, даночно затајување, нелегални бизнис активности и злоупотреба на службената положба. Исмаилова која е дописник за Радио Слободна Европа, вели дека обвиненијата се политички мотивирана одмазда.

Вчера судијата ја запре новинарката при давањето на нејзината последна изјава, откако азербејџанскаат влада ја нарече „машина за репресија“ и го отфрли нејзиното судење како „измама“ со цел да биде замолчена.

Исмаилова пред судот изјави дека нејзиното известување докажало дека претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев и неговото семејство биле директни корисници на државниот буџет.