Починаа уште двајца членови на украинската Национална гарда

Уште двајца членови на украинската Национална гарда починаа од повреди добиени во вчерашните судири пред Парламентот. Дмитриј Сластиков почина од повредите по вчерашната експлозија на гранатата“, напиша денеска на Твитер министерот за внатрешни работи Арсен Аваков. Во меѓувреме и 20-годишниот Олександар Костина почина во болница во Киев.

Вчера почина 24-годишниот Ихор Дебрун - член на украинската Национална гарда, откако беше погоден од шрапнел од рачната граната, а беа повредени и уште 90 гардисти.

Повеќе од 140 луѓе биле хоспитализирани, а премиерот Арсениј Јатсенук за насилството ги обвини улстра-националистите. Во своето телевизиско обраќање Јатсенук изјави дека десничарските демонстранти се „полоши“ од про-руските сепаратисти кои во источна Украина од минатата година се во војна против украинските сили, поради тоа што нивното насилство доаѓало под маската на патриотизмот.

Властите велат дека гранатата била фрлена од член на националистичката политичка алијанса „Свобода“, 27-годишниот Ихор Гуменјук.

„Свобода“ и националистичката Радикална партија го организираа протестот против законот кој ќе им гарантира поголема автономија на про-руските сепаратисти во источна Украина.

Законот беше презентиран од украинскиот претседател Петро Порошрнко и треба да биде одобрен од најмалку 300 парламентарци од вкупно 450, и да биде ратификуван како уставен амандман.

Светските сили, вклучително САД, Германија, Русија и Европската унија исто така го осудија насилството и ги повикаа украинските пратеници да се задржат на нивната работа да ја децентрализираат владата низ мерки предвидени во договорот за прекин на огнот од Минск.