Виенска посветеност на евро перспективата на Западен Балкан

„На Виенскиот самит ќе ја потврдиме нашата посветеност на европската перспектива за сите земји од Западен Балкан, како и нашата континуирана поддршка за овој регион. Убедени сме дека Виенскиот самит и континуираниот Берлински процес ќе придонесат кон крајната цел, членство во ЕУ на сите земји од Западен Балкан. Австрија и Германија со сите сили ќе ги поддржуваат напорите во таа насока“. Ова се нагласува во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на Австрија и на Германија Себастијан Курц и Франк Валтер Штајнмаер пред денешната конференција за Западен Балкан во Виена во рамките на Берлинскиот процес, инициран лани од Германија. На состанокот учествуваат премиери, министри за надворешни работи и за економија на сите држави од Западен Балкан. Во врска со Македонија се посочува успехот на комесарот Јоханес Хан за постигнатиот договор меѓу најголемите политички партии во земјата. Воедно, се повикуваат партиите „сега да го трасираат патот за слободни и фер избори во април наредната година, со целосно имплементирање на потребните внатрешни реформи “. На самитот, меѓу другото, ќе биде посветено големо внимание и на мигрантската криза. Виенскиот самит е втор по ред од петте планирани до 2018 година во рамките на Берлинскиот процес.